При претставувањето на најновите деловни резултати, компанијата Мета гордо извести за порастот на времето кое корисниците го поминуваат на Фејсбук и Инстаграм. Ова не е случајно. Формулата е едноставна: колку повеќе време минуваат корисниците скролајќи, толку повеќе реклами гледаат. Резултатот? Поголеми приходи и профит, што е, на крајот, целта на секоја приватна компанија.
Зошто повеќе време значи повеќе профит?
За да го задржат вниманието на корисниците, технолошките компании постојано го прилагодуваат алгоритмот и се грижат за содржината што ја прикажуваат. Сепак, тука е потребен баланс: негативната или насилната содржина може да привлече внимание, но и да има лоши последици, особено за младата публика.
Новата тајна на Зукерберг – вештачка интелигенција
Мета, изгледа, ја пронајде својата „магична формула“ – алгоритам заснован на вештачка интелигенција. Откако беше воведен, времето кое корисниците го поминуваат на Фејсбук и Инстаграм значително се зголеми. Компанијата гордо соопшти дека, по воведувањето на новиот алгоритам, времето на Фејсбук се зголемило за осум проценти, додека на Инстаграм порастот изнесува шест проценти.
Што значат овие бројки за корисниците?
Мета не ги соопшти конкретните бројки за времето поминато на мрежите, но според експертите на eMarketer, зголемувањето би можело да изнесува 10 до 15 часа повеќе годишно, што претставува значителен пораст.
Што следува понатаму?
Зукерберг има големи планови за иднината на Фејсбук и Инстаграм. Најави нов фид на содржини генерирани целосно преку вештачка интелигенција – своевиден резиме на информации, создадено да го привлече вниманието и да ја задржи публиката.
